03/02/2024
ПРОТЕСТ
Сум бил на протест денеска.
А што се чудите , сакам и јас да допринесам за подобро утре 🙂на сите околу мене , па и на мене .
После утринската прошетка со госпожата , си реков : добро е, одамна вака убава утринска прошетка не сум имал. Додуша беше облачно, сонцето се бореше да излезе низ облаците , ама ветрецот северец , Бога ми ме смрзна . Кога се прибрав домче , си лапнав стапче и заземав позиција со намера да не мрднам до пред ручек. Е не ми било судено 😄.
Не помина многу време, почна госпожава да вика: ајде спремајте се , одиме на протест.
Што ти е ма, што ти текна сега , каков протест , каде, со кого, зошто ...??? Абе не ми остави време ни да се свртам , ни да трепнам ...веќе бев облечен и спремен за надвор. Добро , си реков и газдата ќе дојде , ќе биде интересно .
Тоа протестот да ти бил тука , у комшии , блиску бе , ептен блиску.
Идеме ние така и гледам двојца без тројца се собрале . И што е ова ма госпожа , де ти мене објасни ми ....
Слушав внимателно, видов убаво и да, разбрав за што се работи.
Некој сакал да гради зграда , голема, висока колку планина , ама па местото што го одбрал не им се допаѓа на овие што протестираат. Да бидам искрен, имаат право . Абе дали е нормален тој што сака тука да направи бетонска планина , замислете на 17 ката , ауууууу.
Море , нетокму еден ...ќе нема воздух да дишеме , од спротива имаме слична таква зграда- планина , абе Кинески ѕид , ем висока, ем долга ...ете јас не сум одел на училиште( изразив желба за на факултет, ако се сеќавате 😉) , ама знам дека мора да има план на згради, природно проветрување, нели ветрецот од Водно и Матка да го почувствуваме ....у лето кога ќе се загрее тој бетон угоре, доле асфалт ...што мислош бе, кај ќе шетам јас и сите миленичиња у маало ?
Башка бензинска пумпа, болници ...коли, паркинзи ...како бе ќе ги носат болните низ таа гужва ????
Не, не ...имаат право комшиите ( додуша пола и повеќето не ги познав, ама ај ) .
Е сега друго сакав да ви кажам : џабе бе протести кога се делите , кога не сте единствени , протест за иста работа, на две места во растојание од 300 - 400 метри ( го прашав газдата ) .
Што, не ми верувате ?
Па видов со свои очи : една група подоле, една група погоре ....циркузи сте , нееее ...за жалење сте .
Не бива така, не ....срамота е јас да ви кажувам бе . Црвени, жолти, плави зелени ...што е важно бе кои сте, соберете се на едно место и протестирајте заедно за истиот проблем , не вака ...на што личи ова ?
Да и друго забележав : знаете ли таа зграда голема колку планина што планираат да ја изградат колку други згради ќе затвори , а колку луѓе живееат по тие згради ?
Е кај сте бе да излезете сите на протест ? Или си седите по домче на топличко и фаќате сеир од прозор? Не бива така, нееее . На ваков начин сите губите , ама ич ништо нема да добиете ...немате чувство на заедница, на соживот, на единство ...не .
Па ние миленичињата сме сите различни, бели, црни, кафени , големи , мали, помали ...и не се делиме , си играме заедно, јадеме заедно , ве караме и ржиме заедно , кога сакаме де 🙂.
Многу работи треба да учите од нас . Ние ништо посебно не бараме, а даваме љубАв , безусловна , шириме позитивна енергија и топлина .
Уште нешто да ви кажам : после смрт- болест не бидува . Знаете што значи ова, нели?
Протестот ви е закаснета реакција 😪 Нели тој што сака да гради добил дозволи, потписи и што уште не, и почнал да гради , вие сега ќе го спречите , а а а ...како па да не? Тоа требало многу порано да го направите . И да ми кажевте на мене , па кога ќе ги организирав сите домашни миленичиња низ маало и цела населба - каде вие, таму и ние ..ќе лаевме, ќе ржевме, ќе гребевме , ќе копавме ...ќе ги исплашевме сите оние кои " заслужни" за ова злодело и ќе успеевме , ама сите заедно .
Вака не , не бива и тАчка .
Сега останува да гледате како ќе растат спратовите на зградата и меѓусебно да се жалите и да плукате по се живо и диво , како некој друг е крив .
Сите сте криви , сите ...😪